СЛОБОДАНКА ЧИЧЕВСКА ЈА ДОБИ АКТЕРСКАТА НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО „ПЕТРЕ ПРЛИЧКО“ ВО ВЕЛЕС

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Слободанка Чичевска е годинашната добитничка на актерската награда за животно дело „Петре Прличко“. Паричната награда и плакетата со ликот на Прличко ги прими на 27 март, на отворањето на театарскиот фестивал „5ре“ и пред премиерата на претставата „Госпоѓа министерка“ во Велешкиот театар.

Одлуката за наградата ја донесе жирито во состав Александар Ѓорѓиев, Зорица Панчиќ и Тони Михајловски како лански добитник.

„Чичевска со нејзиниот богат, разновиден и раскошен театарски опус се вбројува во избраните актери на македонското глумиште. Нејзините повеќе од 15 бисери, главни улоги во античкиот театар во Стоби, првото кабаре во Велес, прекрасниот талент за говорење поезија и несебичната работа со млади таленти во Младинското студио ‘Прличко’ се дел од нејзиниот опус. Значајна е нејзината работа во повеќе радиодрами и хумористичната емисија ‘Абракадабра’, која со години одеше на програмата на Велешкото радио. Огромен е бројот на улоги на Чичевска, секоја маестрално работена и одиграна“, пишува во образложението на жирито.

Таа во Велешкиот театар започнала како членка на младинското студио во 1978, а професионално е ангажирана од септември 1986.

„Морам да кажам дека првпат на сцената за 47 години имам трема, оти наградите значат и затоа е оваа трема. Награда за животно дело за мене не значи крај на актерската кариера. Значајно е да се блесне на сцената, но и тоа да се одржи и опстои. Наградата им ја посветувам на моите деца. Во нивните важни моменти од животот јас бев отсутна, бев на сцената. Со чичко Петре Прличко имав можност да играм заедно, во ‘На сечило’, за која доби награда за животно дело на фестивалот ‘Чернодрински‘“, кажа Чичевска.

П. ПЕЧКОВ

Фото: Чичевска со велешкиот градоначалник Марко Колев на доделувањето на наградата