Во Театар Комедија во тек се пробите за новата премиера „Вистината“ од Флоријан Зелер, во режија на Владимир Јурц од Словенија.
„Режисерот и актерите со овој процес осмислуваат предизвик – метод на работа во кој два тима на актери/ки креираат не една, туку две ‘Вистини’. Истата пиеса ‘Вистината’ наизменично на репертоарот ќе ја играат Тања Мицков, Ева Скендеровска, Столе Мицов и Виктор Арсов, како и Кристина Христова, Благица Трпковска, Роберт Ристов и Александар Вељановски“, велат од Театарот.
Костимите се на Маја Благовиќ, сценографијата на Никола Николовски, а автор на музиката е Васко Атанасовски. Плакатот го изработи Воскресија Андреевска, а драматург е Димитар Банов.
„Вистината“ со двата тима на актери се подготвува од сопствени средства на Комедија и со финансиска помош од Амбасадата на Словенија во Скопје. Двете премиери се закажани за 8 и 9 мај. Билетите ќе бидат во продажба од 3 април.