СЛОВЕНЕЦОТ ПОГАЧАР ПРВ ВО ОВОЈ ВЕК ГИ ОСВОИ ТУР ДЕ ФРАНС И ЏИРО Д‘ИТАЛИЈА ВО ИСТА ГОДИНА

Париз, (Гардијан)

Словенецот Тадеј Погачар го повтори подвигот на покојниот Марко Пантани, станувајќи првиот победник на Џиро д‘Италија и Тур де Франс во иста година во овој век. Дваесет и петгодишниот Погачар ја потврди својата трета победа на Турот со триумфот на завршната етапа во Ница.

Тој се придружи на елитен клуб велосипедисти кои се носители на ваков двоен триумф, но никој од нив не го постигнал тоа во модерната ера. Пантани, кој почина во 2004 на 34 години, славеше на Џирото и Турот во 1998 во една хаотична и проблематична ера за велосипедизмот, кога овој спорт беше обременет со допинг скандали. Триумфите на Погачар доаѓаат во различни времиња, кога спортот е високо комерцијализиран, управуван од технологија и глобализиран од „Нетфликс“ и испишува успешни приказни од нови територии, како Словенија, Еритреја и Еквадор.

Погачар дури ги загрозува рекордите на Еди Меркс, најголемиот велосипедист на сите времиња. Меркс седумпати победил на Тур де Франс и петпати на Џиро д‘Италија, додека Словенецот со само 25 години има три победи од пет настапи на трката низ Франција.

(Фото: АП)