Од 27 март, Светскиот ден на театарот, до 15 април на сцената на Велешкиот театар ќе се одржува четвртото издание на театарскиот фестивал „5ре“. Најавени се осум претстави, меѓу нив две од странство, една детска, како и една филмска проекција.
„Годинава имаме богата програма која се базира на претстави кои во нивните средини добро комуницираат со публиката и се со голема посетеност. Првпат имаме две претстави од странство, од Ниш и Подгорица. Годинава воведовме и награди, за актер, актерка, режија и за претстава во целина. Добитниците ќе добијат плакети“, кажа Ненад Витанов од здружението „Плус програма“, организатор на фестивалот.
Отворањето е на 27 март со премиерата на „Госпоѓа министерка“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Синиша Евтимов. На 3 април е стендап настапот „Лошо куче“ на Никола Тодоровски, а следниот ден е претставата „Покојник“ на Нушиќ, во режија на Егон Савин, во изведба на Црногорско народно позориште од Подгорица. На 5 април е „Секс, лаги и љубомора“ на Народен театар од Охрид, во режија на Коле Ангеловски.
На 10 април е детскиот мјузикл „Капетанот Џон Пиплфокс“ од Душко Радовиќ, продукција на „Макс данс студио“, во режија на Горан Илиќ. „Кој се плаши од Вирџинија Вулф?“ на Народно позориште од Ниш, во режија на Игор Павловиќ, ќе се игра на 11 април. Следниот ден е претставата „Фамилијата Адамс“ на Драмски театар од Скопје, во режија на Теа Беговска, а на 15 април е „12“ на МНТ во режија на Синиша Евтимов.
Во соработка со Кинотеката на Македонија ќе се прикаже реставрираната верзија на филмот „Мис Стон“ во чест на Петре Прличко.
Организаторот „Плус програма“ најави дека билетите овојпат нема да се резервираат по телефон, туку ќе можат да се набават на билетарницата, максимум четири за едно лице. Цената на билетот е 200 денари. Приходот од влезниците за премиерата ќе бидат донирани за настраданите во пожарот во Кочани.
Фестивалот е поддржан од Општина Велес и за првпат од Министерството за култура.
П. ПЕЧКОВ