На 9 февруари од 20 часот, на малата сцена во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ премиерно ќе се изведе претставата „Мајка“. Режисер е Јордан Витанов, а драматург Сашо Димоски. Со оваа претстава актерката Зорица Панчиќ одбележува 30 години на театарската сцена.
„Нам ни останува само споменот на оние утра кога станувавме толку рано за да им направиме појадок, лепчиња со путер и млеко. А, потоа одевме на училиште. Чекоревме по улиците еден до друг, ја носевме малата ученичка чанта за да не се изморат тие премногу. Малите принцови. А, пред училиштето тие нѐ гушкаа со толку доверба. Со толку нежност. Потоа исчезнуваа во училишниот двор со другите синови кои исто така еден ден ќе ги заборават своите мајки за да си го живеат својот живот“, кажа Панчиќ за улогата.
Освен неа, во претставата играат Васил Зафирчев, Сандра Танчева и Кире Ацевски. Сценографијата е на Јордан Витанов, костимите на Раде Василев, а изборот на музиката на Сашко Костов.
Претставата е работена по текст на Флоријан Зелер, современ француски романсиер, драматург, режисер и сценарист, автор на трилогијата „Мајка-Татко-Син“. Велешкиот театар во 2022 го постави неговиот текст „Татко“.
П. ПЕЧКОВ