Силвестер Сталоне се пошегува дека заедно со Арнолд Шварценегер треба да отворат школа за говор во Холивуд, промовирајќи го „Рамбо 5: последната крв“ на Канскиот филмски фестивал.
Ѕвездата на „Роки“ отворено говореше за парализата на лицето која ја добил после раѓањето и која го спречува да говори правилно со години.
„Тешко ми беше да зборувам. Имав несреќа кога се родив и затоа едната страна на устата ми е парализирана. Кога почнав да барам работа во реклами, режисерите ми велеа: ’Што зборуваш, кој јазик е ова?’ Сфатив дека имам проблем кога Шварценегер ми рече дека имам акцент. Со Арнолд треба да отвориме школа за говор во Холивуд. Ако успеавме ние, сите ќе успеат“, рече Сталоне на мастеркласот, кој заврши со стоечки овации.
Актерот кажа дека две улоги кои ја обележале неговата кариера се симболи на човечката природа.
„Рамбо се справува со темната страна на природата, со која, за жал, живеат многу луѓе и се чувствуваат изолирани. Роки е пооптимистички лик. Тој сфаќа дека не е специјален човек, но се обидува да стане специјален“, рече Сталоне.
„Рамбо 5“ ќе игра во кината од септември.