Моќен, нов документарец за животот и работата на Кристофер Рив имаше премиера на фестивалот Санденс во САД, што беше проследена со солзи и аплаузи. Награден со стоечки овации, „Super/Man: The Christopher Reeve Story“ ги следи кариерата и активизмот на ѕвездата на „Супермен“ пред и по несреќата од 1995 година, по која остана парализиран од вратот надолу.
Филмот содржи интимна колекција домашни видеоснимки и нови интервјуа со трите деца на Рив и со актери кои го познаваа. Рив, кој почина на 52 години во 2004, е раскажувач во голем дел од филмот, при што неговите зборови се преземени од двете аудиоверзии на неговите мемоари.
Рив бил толку алергичен на коњи што морал да земе антихистамини за да ги снима сцените со јавање во филмот „Ана Каренина“ од 1984, за потоа јавањето да стане важен дел од неговиот живот. Тој целосно му се промени во мај 1995 кога падна од коњ на едно јавачко натпреварување.
Не можејќи да се движи од вратот надолу, Рив признава дека имал самоубиствени мисли, а првите свесни зборови кон сопругата Дејна му биле: „Можеби треба да ме пуштите да си одам“.
Кога имал само 24 години, Рив победил на кастингот за улогата на Супермен, што ќе му ја обележи кариерата. Првиот дел со Џин Хекман и Марлон Брандо беше огромен хит, но Рив не бил задоволен и среќен со продолженијата, поради што се свртел кон театар и помалку комерцијални филмови.
Во филмот се зборува и за пријателството помеѓу Рив и Робин Вилијамс, кои биле цимери и заедно се обидувале да се пробијат во Холивуд. Тие останале блиски и по несреќата на Рив, кој нова смисла на животот пронашол во активизмот.