Политичкиот подем на Риши Сунак го привлекува вниманието во Индија и тоа не само зашто е првиот британски премиер со азиско потекло.
Неговата сопруга Акшата Мурти (42) е ќерка на индискиот милијардер Нарајана Мурти, еден од најпознатите бизнисмени во земјата, кого често го нарекуваат индискиот Бил Гејтс. Тој е основач на софтверската компанија „Инфосис“ и Акшата поседува 0,91% акции, вредни околу 700 милиони фунти, што ја прави двојно побогата од кралот Чарлс Трети.
Акшата Мурти студирала економија и француски јазик во Калифорнија, по што дипломирала на колеџ за мода и завршила постдипломски студии на Универзитетот Стенфорд. Токму таму го запознала Сунак, се венчаа во нејзиниот роден град Бенгалуру во 2009 и добија две ќерки.
Мурти имаше свој сопствен моден бренд, а сега е директорка на фирмата за ризичен капитал основана од татко ѝ „Катамаран“ и поседува ланец теретани.
Сунак, кој е роден во Англија, е првиот британски политичар кој се појави на листата на најбогати луѓе на весникот „Сандеј тајмс“, кој во мај годинава го процени богатството на двојката на 730 милиони фунти.
(Фото: ПА)