СТЕН ЛИ – КРЕАТИВНИОТ ГЕНИЈ НА СТРИПОТ И ТАТКО НА ПОП КУЛТУРАТА

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Стен Ли беше човекот зад неговите суперхерои. Тој пронајде формула со која ги револуционаризираше стриповите, давајќи им на ликовите неверојатни моќи и главоболки на секојдневниот живот.

Креативниот гениј зад империјата на „Марвел“ почина вчера на 95 години и голем број холивудски ѕвезди и моќници му оддават почит, нарекувајќи го „татко на поп културата“.

„Почивај во мир Стен, ти должам сѐ на тебе“, изјави Роберт Дауни Џуниор, филмскиот Ајрон Мен.

Од молив и мастило, преку дигитални графички новели до скапи холивудски блокбастери, Стен Ли ја предводеше еволуцијата на „Марвел“ од мал оддел на издавачка куќа до огромна мултимедијална корпорација, која денес заработува милијарди долари. Сето ова уследи кога веќе сакал да се откаже од својата најголема страст.

Стен Ли успеа успешно да искомбинира неверојтни моќи и секојдневни човечки проблеми во своите ликови (Фото: Гети)

Пред да наполни 40 години, Ли заклучил дека е веќе престар за цртање стрипови, кога добил нова инспирација од сопругата Џоан. „Ди Си комикс“ веќе ги имаше Бетмен, Супермен и Вондер вуман и компанијата „Тајмли“ реши да одговори.

Така Ли ја создаде Фантастичната четворка во 1961 година, означувајќи го раѓањето на „Марвел“. Без да е свесен, Ли го почна златното доба на стрипот и неговата имагинација повторно проработе.

Следеа Спајдермен, Хулк, Тор, Ајрон Мен, Блек Пантер, Дедпул, Екс-Мен, Капетан Америка, Силвер Сурфер, Доктор Стрејнџ, Одмаздници…, цела една галаксија на ликови со супермоќи, но со проблеми на обичен човек, како првут, дрога или општествена нееднаквост.

На својот врв, „Марвел“ продаваше 50 милиони стрипови годишно, но Ли се повлече од функцијата уредник во 1971 година и само продолжи да ги црта насловните страници. Уживаше огромна почит дури и меѓу ривалите, па денес му се наклони и „Ди Си комикс“.

„Ти го смени начинот на кој гледаме на херои и модерниот стрип засекогаш ќе го носи твојот печат“, соопштија од оваа компанија.