СТИВЕН СИГАЛ ГО ПРОСЛАВИ 70. РОДЕНДЕН ВО МОСКВА ЗА ДА Ѝ ИЗРАЗИ ПОДДРШКА НА РУСИЈА

Москва, (Дејли мејл)

Стивен Сигал отпатува за Москва среде руската инвазија на Украина за да го прослави 70. роденден со соработници на Владимир Путин. Меѓу нив имаше и лица кои се најдоа под западните санкции, како медиумските личности Владимир Соловјев и Маргарита Симоњан.

Сигал притоа беше снимен како им изразува љубов и поддршка на присутните.

„Вие сте мое семејство, мои пријатели. Ве сакам и ќе бидам со вас и во добро и во зло“, вели Сигал на снимката.

Сигал е долгогодишен пријател на Путин, кој му даде руски пасош во 2016 и две години подоцна го назначи за специјален претставник на Русија во САД. Двајцата се снимени заедно во многу прилики и Сигал своевремено го опиша Путин како најголемиот жив светски лидер.