СТРУМИЦА ПОВТОРНО ПОНУДИ КАРНЕВАЛСКА МАГИЈА СО УНИКАТНИ КОСТИМИ И ПОРАКИ

Струмица, (СМАРТ СДК.МК)

Три часа траеше главното дефиле на Струмичкиот карневал кој понуди одлични костими, креации и силни пораки за единство, љубов и позитивна енергија. Струмичани повторно потврдија дека се број еден по карневалската иновативност, квалитетот на рачно изработените маски и гостопримството. Вкупно 35 карневалски групи од земјава и од странство беа дел од големото дефиле кое го следеа илјадници посетители.

Фото: Ѓ. Личовски

„Ова е фантастично. Струмица секогаш го нуди најдоброто. Се гледа дека карневалистите имаат вложено многу љубов во изработката на маските“, коментираа посетителите кои постојано се фотографираа со маскираните учесници.

Маските беа со теми од Египет до Кинеската митологија, се заигра македонско оро но и шпански танци, засвиереа Шкотите но и ечеа звуци на румба, салса и сето тоа со одлични креации.

Фото: Ѓ. Личовски

„Она што го видовме од учесниците уште еднаш потврди дека Струмица и струмичани од година вгодина се надминуваат себеси. Ја пополнија таа празнина на отсуство на групи од странство кои заради преклопувањето со други вакви манифестации не дојдоа. Фасцинантни беа сите маски“, кажа Александар Цицимов, преседател на ФЕКК.

Фото: Ѓ. Личовски

Тој не сакаше да ја коментира најавата на градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов за промена на карневалскиот одбор. Кажа дека јавноста е таа што ќе суди дали прават грешки, иако Советот го има правото.

Костадинов најави дека на првата седница, Советот ќе побара смена на карневалскиот одбор заради обидот за партизација но и потребата од нови сили во делот на организацијата.

В. ТРАЈКОВ

Фото: Ѓ. ЛИЧОВСКИ