Сношти во Скопје, по 44. пат се одржа традиционалниот Светски ромски бал, настанот што за првпат го организираше Амди Бајрам, пратеникот и претседател на Сојузот на Ромите. По неговата смрт, организацијата ја презеде неговиот син Габриел Бајрам.
Водителка на балот беше Лила Стојановска.
„Ромите отсекогаш биле најмирољубивиот народ на светот“, кажа Стојановска.
Настанот во скопскиот хотел „Александар палас“ почна со традиционална ромска музика и настап на легендарниот пејач Мухарем Сербезовски.
Имаше и настап на маѓионичар, кој изведе неколку трикови. Балот и годинава помина во весела атмосфера и со многу гости. Меѓу нив беа и премиерот Димитар Ковачевски и генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ. Како ѕвезди на вечерта беа најавени српските фолк-пејачки Теа Таировиќ и Цеца Ражњатовиќ.
Таировиќ настапи пред крајот на балот, а по неа Цеца Ражњатовиќ. Билет за балот за седење чинеше 150 евра.
Се продаваа и билети за стоење, кои како пакет за шест лица со вклучено шише алкохолен пијалак беа 300 евра.