ТАА БЕШЕ МУЗИКАТА – ПРЕТСЕДАТЕЛИ И МУЗИЧКИОТ СВЕТ Ѝ ОДДАВААТ ПОЧИТ НА АРЕТА ФРЕНКЛИН

Детроит, (разни извори)

Претседатели, музички легенди, холивудски ѕвезди и други јавни личности ѝ се наклонија на Арета Френклин, кралицата на соул музиката и вистински уникатен вокал, која почина денеска на 76-годишна возраст по тешко боледување.

Френклин, чија кариера опфати седум децении, освои 18 награди Греми и е првата жена која беше примена во Рокенрол халата на славните во 1987 година. Таа остави непроценливо наследство зад себе и речиси да нема пејачка која денеска не ја истакна како своја инспирација.

„Ќе ни недостигаш, кралице“, напиша Опра Винфри на Твитер.

Таа за последен пат настапи во ноември минатата година, на гала настанот во Њујорк, организиран од фондацијата за борба против сида на Елтон Џон.

Арета Френклин на својот последен настап, во ноември во Њујорк (Фото: Гети)

„Тешко е да се замисли светот без неа. Не само што беше уникатно брилјантна пејачка, туку и нејзината посветеност на борбата за човекови права имаше големо влијание врз светот“, изјави Барбра Стрејсенд.

Од големата пејачка се прости и нејзиниот пријател Елтон Џон.

„Ова е голема загуба за сите кои ја сакаме музиката. Музика од срцето, душата, од црквата. Нејзиниот глас беше уникатен, таа беше еден од моите најомилени пијанисти“, кажа Џон.

Како дете на свештеник и на госпел пејачка, таа почнала да пее на десетгодишна возраст и издаваше албуми сè до лани. Тогаш најави дека ќе се повлече од настапите во живо.

Френклин со Џон Белуши и Ден Ејкројд на снимањето на филмот „Браќата блуз“, за кој се вели дека ѝ помогнал да ја живне кариерата во 80-ите

Бијонсе и Џеј-Зи ѝ го посветија својот концерт во понеделникот, кога веќе се знаеше дека е во тешка состојба.

„Те сакаме и ти благодариме“, кажаа тие во Детроит, кадешто Френклин почина денеска.

„Сите треба да одделиме момент и да се заблагодариме за прекрасниот живот на Арета Френклин. Таа нè инспирираше многу, многу години“, изјави сер Пол Макартни.

Кариерата на Френклин се протегна низ седум децении

Други ја опишаа Френклин како „национално богатство“, „најголемиот вокал во американската популарна музика“ и дека „таа беше музиката“.

„Америка нема кралско семејство, но имаме нешто што ќе трае многу подолго. Во нејзиниот глас можевме да ја почувствуваме американската историја, нашите моќ и болка, нашите светлина и темнина. Нејзината музика ќе продолжи да нè инспирира“, напиша Барак Обама на Твитер, а со ретко понизен тон се огласи и Доналд Трамп.

„Арета беше голема жена, со прекрасна дарба од Господ, нејзиниот глас. Ќе ни недостига“.

„Чест ми е што сум инспирација на толку многу пејачи и луѓе. Тоа значи дека добро сум ја одработила мојата работа“, кажа своевремено Арета Френклин.