ТАСМАНИЈА ВРАБОТУВА ЛУЃЕ НА „ЧУДНИ РАБОТНИ МЕСТА“ КАКО ШЕТАЧ НА РЕТКИ ЖИВОТНИ И НАБЉУДУВАЧ НА ЅВЕЗДИ

Хобарт, (Би-Би-Си)

Тасманија започна иницијатива за „чудни работни места“ за да го поттикне туризмот во текот на зимските месеци.

Австралиската островска држава им нуди на луѓето можност да ја заменат редовната работа за необична привремена улога за време на вонсезоната.

Истражувач на паранормални, шетач на животните вомбати и набљудувач на ѕвезди се меѓу 10-те работни места што се во огласите.

За успешните апликанти ќе бидат покриени сите трошоци: патување, храна и хотели, велат од туристичкиот одбор на Тасманија. Огласот е отворен за оние кои се заинтересирани за „историја и мистерија“ и вклучува преземање на паранормални активности со помош на „најновата опрема за лов на духови“ во Вилоу Корт.

Се нудат и работни места за шетачи на вомбати, за оние кои се подготвени да ги земат торбарите на утринското шетање (Фото: Гети)

Се нуди и работа како „организатор на остриги“, што подразбира сортирање, чистење и категоризирање на остригите штотуку собрани од Големиот залив на остриги. Ќе има и можности за „тестирање на вкусот“ на остригите.

Вљубениците во возови се поканети да аплицираат за работата набљудувач на возови, во која апликантот ќе се придружи на екипажот на парниот воз „Линчфорд експрес“ додека патува долж западниот брег на Тасманија.

Исто така, се бараат гледачи на ѕвезди заинтересирани да се приклучат на Астрономското друштво на Тасманија за една ноќ да го набљудуваат небото.

Има и работни места за ловци на тартуфи, шетачи на вомбати, за оние кои се подготвени да ги земат торбарите „на утринското шетање“.

Од Туристичкиот сојуз на Тасманија велат дека 1,25 милиони луѓе го посетиле островот минатата година што е повеќе од претходната година, но сепак имало 1,35 милиони посетители во 2019, пред пандемијата.

Зимата трае од мај до август во Тасманија, каде температурите вообичаено паѓаат помеѓу 3 и 11 Целзиусови степени. Само возрасните жители кои моментално живеат во Австралија имаат право да аплицираат за необичните работни места.

 

Фото: Австралискиот комичар Џош Томас се појавува во кампањата на Туристичкиот сојуз на Тасманија