ТАТО, НЕ НЀ МИСЛИ, СИТЕ СМЕ ТАМАН, РЕЧЕ ИГОР СТЕФАНОВСКИ НА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА 73. РОДЕНДЕН НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ ВО ДЕБАР МААЛО

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

„Тато, сите сме супер, не нѐ мисли. Сите ракии испиени денес во Дебар Маало ги прогласувам за испиени во знак на твојот роденден“, рече Игор Стефановски, син на великанот на македонката драматургија Горан Стефановски, на денешното (27 април) одбележување на неговото раѓање.

Стефановски е роден на 27 април 1952, а почина на 27 ноември 2018.

Игор Стефановски. (Фото: Општина Центар)

Роденденот изминативе години се слави кај споменикот кој е поставен во триаголниот парк во скопско Дебар Маало спроти кафеаните „Наџак“ и „Идадија“. На 27 април 2019 во негова чест беше засаден чинар на тоа место.

(Фото: К. Попов)

„Мама е супер, таму е во селото Вај до Јана. Таму како што знаеш е многу инволвирана и сега во мај ќе биде кандидат за локалните избори во Кент, југоисточна Англија. Да, мојата мајка. Мама уште се бори за своите вредности и принципелности. Јана е добра, мудра и сѐ уште многу позитивна и многу ја сакам. Моите деца, Калина, твојата прва внука, слуша многу добра музика, мноу сака некои разни сцени. Јавор е момче, фудбал, ‘Мајнкрафт’. Стандардно момче ама шегаџија е во фамилијата. И синот на Јана е супер, свири бубњеви. Јас сум таман, не ме мисли. Пламена си е океј, си гази“, рече Игор седејќи на клупата на споменикот. На татка си му раскажа и за успесите на чичко му Влатко Стефановски, легендарниот гитарист кој годинава слави 50 години кариера, како и за тоа дека 4-илјадната публика во „Сава центар“ во Белград пеела „На здравје Скопје“.

(Фото: К. Попов)

Имаше и музички настап, пантоминичари, се читаа писма од пријателите од гимназиските денови, дебармаалци и колеги од театарската фела.

„Неговите текстови не се само уметност, туку и огледало на општеството, совест на времето и вечен разговор со публиката. Горан знаеше да ги улови болката и хуморот на Балканот, да ни го покаже апсурдот на секојдневието и да нè натера да се смееме и да се замислиме. Тој можеби не е физички тука, но неговите ликови шетаат низ нас, неговите реченици сѐ уште се слушаат во театарските сали и неговиот дух живее во зборот, мислата, на сцената. И токму затоа велиме: Горан е тука“, вели организаторот, Здружението на граѓани „Тим Театрос К Скопје’.

(Фото: К. Попов)