Најголемата поп-ѕвезда на денешнината Тејлор Свифт и официјално влезе во клубот на милијардери. Таа за првпат се најде на листата на милијардери на „Форбс“ со проценето богатство од 1,1 милијарда долари, заедно со креаторот на четботот ЧетГПТ, Сем Алтман.
На врвот на листата е Бернар Арно, шефот на францускиот концерн за луксузни добра „ЛВМХ“, чие богатство изнесува 233 милијарди долари. По него следуваат Елон Маск со 195 милијарди, Џеф Безос со 194 милијарди, Марк Закерберг со 177 милијарди и Лери Елисон со 141 милијарда долари.
Според „Форбс“, моментално има 2.781 милијардер на светот, 141 повеќе од лани.
Свифт (34) влезе на листата откако достигна статус на музичка мегаѕвезда, заработувајќи оданочени 190 милиони долари од светската турнеја „Ери“. Од „Форбс“ велат дека таа е првата личност која станала милијардер само врз основа на пишување песни и настапување во живо.
(Фото: АП)