„ТОАЛЕТ ЗА ДАМИ“ СО ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ ВО ВЕЛЕШКИ ТЕАТАР

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Утревечер во велешкиот театар ,,Јордан Хаџи Констатнинов-Џинот“ премиерно ќе се изведе претставата „Тоалет за дами“ од венецуелскиот драмски писател Родолфо Сантана, во режија на Деан Дамјановски.

Текстот е за 12 лика, а дејствoто се одвива во женски тоалет во дискотека во петок навечер.

Поради ограничениот број гледачи, првите три претстави се веќе распродадени. – Васил Зафирчев

„Во претставата ги гледаме односите на 10 жени, еден травестит и еден маж, кои го користат тоалетот. Тука некаде е и одговорот на вечното прашање на мажите, што прават повеќе жени кога одат во тоалет и се задржуваат подолго време. Ова е многу, многу динамична претстава со многу заплети, кои се одвиваат со голема брзина, така што публиката ќе биде принудена да го изостри вниманието. Жените го користат тоалетот како дневна соба или соба за психотерапија“, изјави режисерот Дамјановски.

Играат Зорица Панчиќ, Кица Ивковска, Васил Зафирчев, Ирена Илиевска, Кети Борисовска, Маја Љутков, Талија Настова, Марија Стефановска, Весна Димитровска Бобевски, Драгана Босниќ, Слободанка Чичевска и Александар Велјановски.

Претставата се игра на големата сцена, каде ќе биде сместена и публиката. Поради ограничениот број гледачи, првите три претстави се веќе распродадени.

Драматург е Сашо Димоски, сценографијата е на Филип Коруновски, костимограф е Катерина Чукниева, а музички соработник Сашко Костов.

П. ПЕЧКОВ