ЦЕЛО ВРЕМЕ МЕ БОДРЕШЕ И МИ ДАВАШЕ ДОБРИ СОВЕТИ, КАЖА ЃОКОВИЌ ЗА МОМЧЕТО НА КОЕ МУ ПОДАРИ РЕКЕТ ПО ПОБЕДАТА НА РОЛАН ГАРОС

Париз, (Би-Би-Си)

Новак Ѓоковиќ заминува од Париз со втората титула од Ролан Гарос, а едно момче си доби драгоцен сувенир.

По завршувањето на финалниот меч со Стефанос Циципас, што го доби откако беше во негатива од два сета, Ѓоковиќ му подари рекет на едно момче од публика, кое еруптираше од воодушевување и неверување и оваа негова искрена реакција денес е хит на социјалните мрежи. Ѓоковиќ вели дека не го познавал момчето, но имал добра причина да му остави подарок.

„Го слушав цело време додека игравме, особено кога бев во негатива од два сета. Тој ме охрабруваше и исто така цело време ми даваше правилни совети. Буквално ми беше како тренер. Тоа ми се виде многу симпатично и затоа тој беше најдобрата личност да го добие мојот рекет по завршувањето на мечот. Тоа беше мој начин да му се заблагодарам за тоа што беше со мене и ме поддржуваше“, изјави Ѓоковиќ.

Тој го победи Циципас со 3:2 во сетови по четири часа и 11 минути игра и стана првиот тенисер во историјата кој ги освоил сите четири гренд слем титули барем двапати. Ова е негова 19. гренд слем титула и уште во Вимблдон би можел да се израмни со рекордерите Роже Федерер и Рафаел Надал.

Ѓоковиќ (34) вели дека ќе се обиде да освои и златен слем, односно истовремено да биде шампион на сите четири гренд слем турнири.

„Во добра позиција сум за златен слем. Сè е можно. Веќе постигнав работи што многумина не веруваа дека се можни“, кажа тој.