Јирген Клоп им оддаде почит на жителите на Ливерпул на својата последна прес-конференција како тренер на „црвените“ и вети дека ќе биде тука ако градот го треба.
„Ова е многу, многу посебен град. Не верувам дека клубот ќе треба моја помош во иднина, но ако градот ме затреба, тука сум и ќе помогнам на кој било начин“, изјави Клоп.
Тој во јануари објави дека ќе го напушти клубот по завршувањето на сезоната зашто веќе нема енергија и простувањето ќе биде в недела на „Енфилд“ на мечот со Вулверхемптон. Ливерпул ќе ја заврши сезоната на третото место, зад Арсенал и Манчестер сити. откако до пред неколку кола беше во трката за шампионската титула.
„Последната недела како тренер на Ливерпул ми беше најинтензивната во животот. Имавме големи моменти заедно и не треба да се преправаме дека ова е нормална недела, затоа што не е. Вчера се простив од играчите, правевме скара и беше доста емотивно“, кажа Клоп.
За девет и пол години на клупата, Клоп му донесе осум трофеи на Ливерпул, меѓу кои и долгоочекуваната титула во Премиерлигата. Како свое омилено финале ја избра победата над Челзи во Лига купот, извојувана со подмладен тим.
„Тоа беше најдобрата ноќ во нашите животи и покажа што е овој клуб навистина. Таа вечер креиравме нешто навистина посебно“, кажа Клоп, додавајќи дека од недела му почнува одморот.
(Фото: АП)