Деветнаесетгодишниот турски репрезентативец Арда Гулер вчера постигна спектакуларен погодок во победата над Грузија од 3:1, станувајќи најмладиот играч кој дал гол на дебито на европските првенства. Тој исто така е самиот третиот тинејџер кој постигнал гол на својот прв меч на ЕП, по Унгарецот Ференц Бене во 1964 и Португалецот Кристијано Роналдо во 2004.
Популарено наречен „турски Меси“, Гулер минатото лето дојде во Реал Мадрид од Фенербахче и по почетните проблеми со повреди, на крајот успеа да собере пет гола на пет меча во првенството и да ја освои Лигата на шампионите.
И додека ветераните Роналдо, Модриќ, Крос и Левандовски се на своето последно европско првенство, Гулер е дел од новата генерација, заедно со Џамал Мусијала, Флоријан Вирц, Џуд Белингам и Ламине Јамал, која покажува дека европскиот фудбал останува во добри раце.
Гулер е роден во Анкара и на девет години станал член на Генчлербирлиги. На 14 години преминал во Фенербахче, кој бил воодушевен од неговите способности за дриблање на мал простор, со тенденција да се пробива од десно крило играјќи со левата нога, од каде што и потекнуваат споредбите со Лео Меси.
За сениорскиот тим на Фенербахче дебитирал на возраст од 16 години и 174 дена и подоцна го привлекол интересот на Реал, кој за него плати 20 милиони евра, плус десет милиони во бонуси. Оваа транзиција не се одвиваше така добро, па Гулер дебитираше за Реал дури во април годинава.
(Фото: ЕФЕ)