„ИГРА НА ТРОНОВИ“ И ОФИЦИЈАЛНО СЕ ВРАЌА ВО 2019 ГОДИНА

Лос Анџелес, (Холивуд рипортер)

Сега е и официјално: последната осма сезона од мегапопуларната серија „Игра на тронови“ ќе биде емитувана дури во 2019 година.

ХБО издаде кусо соопштение во коешто потврди дека преостанатите шест епизоди ќе бидат емитувани наредната година, без да го открие датумот на премиерата. Освен тоа, ХБО објави само уште кои ќе бидат сценаристите и режисерите на последните епизоди.

Веста дека „Игра на тронови“ не се враќа оваа година не е никакво изненадување, имајќи предвид дека последната сезона ќе биде развлечена на повеќе од осум месеци. Се очекува некои од епизодите да имаат должина на филмови, но и ова засега не е потврдено.

Продукцијата на осмата сезона почна во октомври и треба да заврши во август 2018 година, една година по финалето на седмата сезона.

Режисери на последните шест епизоди ќе бидат Дејвид Бениоф, Ди Би Вајс, Дејвид Натер и Мигел Сапочник.