БРОЈОТ НА ЕЗЕРАТА КОИ НАСТАНУВААТ СО ТОПЕЊЕТО ГЛЕЧЕРИ СЕ ЗГОЛЕМИЛ ЗА 50% ВО ПОСЛЕДНИТЕ 30 ГОДИНИ

Берлин, (АФП)

Бројот на езерата настанати со топењето глечери како последица на климатски промени се зголемил за 50% во изминатите 30 години, се вели во нова студија заснована врз сателитски податоци.

„Ни беше познато дека цела оваа вода не завршува веднаш во океаните. Но, сѐ досега, немаше проценки колку од оваа вода се складира во езерата или во подземните води“, вели геоморфологот Ден Шугар, авторот на студијата.

Меѓу 1994 и 2007 година, светските глечери, особено во високите планински региони, изгубиле маса од 6.500 милијарди тони.

„Во изминатите 100 години, 35% од глобалното покачување на нивото на морето се должи на топењето глечери“, вели Андерс Леверман, професор по климатологија на Институтот за влијанието на климатските промени во Потсдам.

За разлика од нормалните езера, ледничките езера се нестабилни бидејќи често се заградени со лед или талог составен од карпи и остатоци. Кога насобраната вода ќе ги пробие овие бариери, таа предизвикува масовни поплави по своето течение.

Обединетите нации во јануари проценија дека повеќе од 3.000 леднички езера се формирале во хималајскиот регион Хиндукуш, од кои 33 претставуваат директна закана за седум милиони луѓе.