„КРУНА“ И „ТЕД ЛАСО“ ИМАА ТРИУМФАЛНА ВЕЧЕР НА 73. ЕМИ НАГРАДИ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

„Круна“ е прогласена за најдобра драма, а „Тед Ласо“ за најдобра комедија на 73. доделување на телевизиските награди Еми. Двете серии се меѓу големите победници на вечерта во Лос Анџелес, откако освоија 11, односно седум статуетки.

„Круна“ триумфираше во сите четири драмски актерски категории, што е достојно простување на оваа актерска постава, која во претстојната петта сезона ќе биде заменета со нова. Оливија Колман го освои својот прв Еми за улогата на Елизабета Втора, славејќи заедно со своите колеги Џош О‘Конор (принц Чарлс), Тобајас Мензис (принц Филип) и Џилијан Андерсон (Маргарет Тачер).

„Тед Ласо“ собра три актерски награди во комедија (Фото: АП)

„Каков убав крај на најизвонредното патување со ова прекрасно семејство! Уживав во секоја секунда и едвај чекам да видам што следува понатаму“, изјави Колман.

Сличен успех оствари „Тед Ласо“, серија на „Епл+“ која следи американски фудбалски тренер кој доаѓа во Англија за да води измислен премиерлигашки клуб. Авторот на серијата Џејсон Судејкис е најдобар актер во комедија, а за споредна улога се наградени Британците Брет Голдстин и Хана Вадингам.

Ветеранката Џин Смарт доби Еми за најдобра актерка во комедија за серијата „Hacks“.

Единаесет Еми награди освои и „Дамски гамбит“, но не и главната ѕвезда Ања Тејлор-Џој, која загуби од Кејт Винслет („Мер од Истаун“).