Кога дебитираше во 2013 година, „Куќа од карти“ го стави „Нетфликс“ на мапата на компании кои прават оригинални забавни содржини и оттаму велат дека наесен ќе ѝ дадат соодветен крај на серијата, чија иднина стана неизвесна по скандалот со главната ѕвезда Кевин Спејси.
„Нетфликс“ ја надмина оваа криза така што во центарот на последната, шеста сезона ја стави неговата сопруга Клер Андервуд (Робин Рајт), не навестувајќи каква ќе биде судбината на Френк Андервуд (Спејси).
„Од респект кон Френк, ќе видите кога ќе почне серијата“, вели потпретседателката на програмата Синди Холанд.
„Нетфликс“ направи мала ТВ-револуција кога одеднаш ги пушти сите епизоди од првата сезона. Така ќе биде и со финалето, кое треба да се совпадне со изборите за американскиот Конгрес во ноември, иако засега нема точен датум.
„Ние сме навистина горди на оваа серија и таа ќе добие соодветен крај. Отсекогаш сме планирале шестата сезона да биде последна и многу сме горди како Робин и остатокот од тимот ја завршија работата“, додаде Холанд.
Пет години откако се коцкаше со „Куќа од карти“, компанијата порасна до толку што оваа година планира да издаде 700 оригинални серии, филмови и други програми.