Британската актерка Мејзи Вилијамс, која ја глуми Арја Старк во „Игра на тронови“, вели дека била многу загрижена кога првпат дознала дека нејзиниот лик ќе биде одлучувачки во финалната битка со Ноќниот крал. Во третата епизода од осмата сезона, токму Арја го уби Ноќниот крал и стави крај на големата битка за Винтерфел.
„Веднаш си помислив дека сите ќе го мразат фактот што Арја го уби Ноќниот крал и дека таа не го заслужува тоа. Најтешкото нешто во секоја серија е како да се победи негативец кој се гради така да изгледа дека е невозможно да се покори. Тоа мора да биде интелигентно направено, инаку луѓето ќе речат: ‘Тој негативец сигурно не беше толку страшен штом девојче од 50 килограми дојде и го прободе’. Тоа мора да се направи да биде многу кул. Кога му кажав на моето момче, тој ми рече: ‘Навистина, тоа би требало да биде Џон Сноу, зарем не?’“, изјави 22-годишната глумица во интервју за „Ентертејнмент викли“.
Но, кога дошла на сет, сфатила дека нејзиниот лик го заслужил тој момент.
„Откако ја снимивме сцената со Мелисандре, сфатив дека тоа ме води кон она за што се борев сите изминати сезони, дека сѐ се сведува на овој момент. Тоа беше навистина неочекувано, но тоа е она што оваа серија го прави. И си реков, ‘Оди по ѓаволите Џон, јас ќе го имам овој момент“, рече Вилијамс.
Серијата завршува на 19 мај.