Наоми Вотс ќе ја има главната улога во новата серија, која временски ќе претходи на „Игра на тронови“.
Австралиската актерка ќе игра „харизматична јавна личност која крие мрачна тајна“ во пилот-епизодата, што ја пишува Џејн Голдман. Серијата е еден од петте проекти на Ејч-Би-О инспирирани од „Игра на тронови“ и во нејзиното создавање учествува и оригиналниот автор Џорџ РР Мартин.
Сè уште неименуваната серија ќе се случува илјадници години пред „Игра на тронови“ и „ќе го следи светот од златното Доба на херои до неговите најмрачни моменти“.
„Само една работа е сигурна: од ужасните тајни на Вестерос, преку вистинското потекло на Белите шетачи и мистериите на Истокот до легендите за Старкови, тоа не е приказна што мислиме дека ја знаеме“, се вели во најавата на серијата.
Минатата година, Голдман најави дека во серијата ќе има и хумор и крв.
Доколку пилотот прерасне во цела серија, таа ќе почне да се емитува најмалку една година по завршувањето на „Игра на тронови“.