НЕ ГО ГЛЕДАЈТЕ САМИ – „НЕТФЛИКС“ ГИ ПРЕДУПРЕДУВА ГЛЕДАЧИТЕ НА НОВИОТ ДОКУМЕНТАРЕЦ ЗА УБИЕЦОТ ТЕД БАНДИ

Лондон, (Гардијан)

„Нетфликс“ испрати предупредување до своите корисници во врска со новата документарна серија за озлогласениот сериски убиец Тед Банди, откако голем број од нив се пожалиле на нејзината вознемирувачка содржина.

„‘Разговори со убиец: снимките на Тед Банди‘ сега е достапна за стримување. Можеби, сепак, не ја гледајте сами“, напиша „Нетфликс“ на Твитер.

Компанијата реагираше откако некои гледачи се пожалија дека серијата е ужасна и многу тешка за гледање.

Таа содржи детали за убиствениот поход на Тед Банди низ разговорите со преживеани, новинари и полицајци, но она што ја прави уште позастрашувачка се аудиоснимките на коишто самиот убиец во трето лице раскажува што го водело да убива.

Банди призна дека убил повеќе од 30 млади жени меѓу 1974 и 1978 година, но вистинската бројка на неговите жртви останува непозната. Тој беше егзекутиран на електричен стол во 1989 година.

Серијата на „Нетфликс“ се совпадна со објавувањето на трејлер за игран филм за Тед Банди, кадешто насловниот лик го игра Зек Ефрон.