„НЕТФЛИКС“ ЌЕ ПРАВИ СЕРИЈА СПОРЕД КУЛТНОТО ДЕЛО НА МАРКЕС „СТО ГОДИНИ САМОТИЈА“

Њујорк, (АП)

„Нетфликс“ ги откупи правата за романот на Габриел Гарсија Маркес, „Сто години самотија“ и ќе го претвори едно од најпрославените литературни дела на 20. век во ТВ-серија. Книгата напишана во 1967 година ќе биде адаптирана во серија на шпански јазик.

„Сто години самотија“ е продадена во 47 милиони примероци и преведена на 46 јазици, но, за разлика од некои други дела на колумбискиот нобеловец, од неа досега нема ниту една филмска или телевизиска адаптација.

Серијата ќе се снима главно во Колумбија и синовите на Маркес, Родриго Гарсија и Гонсало Гарсија Барча, ќе бидат извршни продуценти“, објави „Нетфликс“.

Филмот „Рома“, кој освои три оскари, и серијата „Наркос“ се досега најуспешните проекти на стриминг гигантот на шпански јазик.

Со децении, нашиот татко се двоумеше околу продажбата на правата за ‘Сто години самотија‘, затоа што веруваше дека не може да се направи доволно долг филм и исто така сметаше дека тој мора да биде исклучиво на шпански јазик. Но, сега сме во златно доба на ТВ-серии и широката публика полесно прифаќа програми на други јазици, па времето не може да биде подобро“, изјави Родриго Гарсија.