Семејството на покојниот австралиски конзерватор и „ловец на крокодили“ Стив Ирвин почнува ново телевизиско шоу, посветено на неговата работа на заштитата на природниот свет.

Стив Ирвин загина во 2006 година за време на снимање (Фото: АП)

„Крики! Тоа се Ирвини“ ќе ги следи вдовицата на Ирвин, Тери и нивните две деца Бајнди и Роберт како се дружат со животни во нивната зоолошка градина во Квинсленд, но и на разни експедиции.

Ирвин, чии ТВ-емисии беа следени низ цел свет, почина во 2006 година, откако беше прободен од опашката на раја, додека снимаше во водите на Големиот Корален Гребен.

„Продолжуваме по стапките на татко ми и сето она што го правиме денес е токму она што тој го почна. Во нашето шоу ќе потсетиме на некои неверојатни работи што тој ги правеше, од хранење крокодили до галење коали и потоа ќе нѐ видите нас како го правиме истото тоа“, вели 20-годишната ќерка на Ирвин.

Таа додава дека во емисијата ќе има и многу патувања.

„Ќе патуваме на најразлични места на планетата. Ќе одиме во Африка, ќе одиме во Големиот Корален Гребен, ќе одиме во северен Квинсленд, каде што проучуваме крокодили“, додаде Бајнди.

Новата серија ќе почне да се прикажува од 28 октомври на „Енимал планет“.