„ЗОКИ ПОКИ“ ЌЕ СЕ ПРИКАЖУВА И НА СРПСКАТА „РТС“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Десетте епизоди од македонската ТВ-серија „Зоки Поки“ ќе се емитуваат на националната телевизија во Србија, „РТС“, објави продукцијата „Кино Око“. Неодамна беше најавено дека серијата ќе се прикажува и низ цела Скандинавија, односно на националните телевизии во Шведска, Норвешка, Данска и Финска.

„Се радувам што серијата ќе се прикажува и во Србија. Голем е предизвикот ‘Зоки Поки’ да се емитува на ʻРТСʼ, која негува висок квалитет на продукција, особено во последните години“, вели продуцентот на серијата Роберт Насков, додавајќи оти сѐ уште е неизвесно снимањето на втората сезона.

Во модерната екранизација на популарната детска книга на Оливера Николова играат Матеј Настевски (Зоки), Анастасија Аневска (Лидија), Матео Матоски (Боки) и Матеј Зимбаков (Гоки), како и Сашко Коцев, Даниела Иваноска и Сабина Ајрула-Тозија. Режисери на епизодите се Марија Апчевска, Александар Поповски, Даријан Пејовски и Радован Петровиќ, според сценаријата на Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска.

Сите епизоди од првата сезона се достапни за гледање на официјалната веб-страница на серијата.