ВЕЛЕШАНКАТА СНЕЖАНА ЛАЗАРОВА СОЗДАВА МОЗАИЦИ ОД ОРИЗ И СИНАП, „ТАЈНАТА ВЕЧЕРА“ ЈА ПРАВЕЛА ДВЕ И ПОЛ ГОДИНИ

Велес, (СМАРТ СДК.МК)
KODAK Digital Still Camera

Велешанката Снежана Лазарова Луна за десет години работа ја отвори нејзината 10. самостојна изложба во родниот град. Во Ликовниот салон се претстави со 40-ина дела, сите изработени во мозаик техника од ориз и синап. Ова творештво ја прави единствен автор во земјава кој работи со овие елементи. Меѓу делата кои се изложени особено внимание привлекува „Тајната вечера“, што го работела две и пол години.

„Започнав да ја работам сликата во 2015 и ја завршив во 2017, со тоа што во меѓувреме создадов и други дела. Составена е од осум елементи, бидејќи не е можно да се работи на толкава површина. Нив на крајот ги споив во една слика“, вели Лазарова, која е самоука сликарка.

Лазарова досега има изработено 80-ина дела со својата уникатна техника (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Изложбата е насловена „Сѐ што не ти кажав“ и е дел од содржините на Велешко културно лето. Темите кои ги слика се мртва природа, пејзажи и ликови на светци.

„Работам со бел ориз и црн синап, а во поново време користам и жолто просо. Така се добиваат и нијанси, без да се користат бои, мастило и туш. На крајот, делата ги премачкувам со специфична смола, која им дава долговечност. Кога правам изложби во други градови, одржувам и работилници за оваа моја техника. Таа навидум е лесна, но тешко оди, треба трпение“, додава Лазарова.

Освен во Велес, таа досега има изложувано во Кочани, Валандово, Струмица и Македонска Каменица, а учествувала и на три меѓународни колонии во Битола и Ресен. Следен град каде што оваа изложба ќе биде претставена е Делчево.

П. ПЕЧКОВ