Градските власти на Венеција потврдија дека венчавката на Џеф Безос и Лорен Санчез ќе се одржи во градот, демантирајќи ги написите дека тоа ќе доведе до наплив на познати личности и до можни нарушувања за жителите и туристите. Градот не кажа кога ќе биде венчавката, додека италијанските медиуми објавија дека ќе се одржи меѓу 24 и 26 јуни.
„Кружат многу неосновани шпекулации и лажни вести за венчавката на Џеф Безос. Венеција е навикната на одржување големи меѓународни настани без значајни нарушувања“, соопшти градот, додавајќи дека на венчавката ќе бидат поканети околу 200 гости.
Неколку италијански медиуми објавија дека организаторите на венчавката веќе имаат резервирано соби во најлуксузните хотели во градот, како и голем број гондоли и водени таксија за крајот на јуни.
Безос, за кого ова ќе биде втор брак, е еден од најбогатите луѓе на светот. Тој е основач и најголем акционер на „Амазон“ и го држи весникот „Вашингтон пост“.
(Фото: АП)