ВО ГЕРМАНИЈА ПОДАРОЦИ ЌЕ ДЕЛИ И БАБА МРАЗ ВО ЗНАК НА РОДОВА ЕДНАКВОСТ

Берлин, ( ДПА)

Зад веселиот и омилен Дедо Мраз секогаш стои саканата Баба Мраз. Зошто тогаш целото признание да го добива нејзиниот сопруг!?

Соочени со ова прашање, школoто за обука на Дедо Мраз во Берлин ја смени својата политика за улогата на половите во претстојните празници. Годинава и жени ќе можат да ја носат познатата црвена облека и ќе се обучуваат да станат подобрата половина на Дедо Мраз.

„Сопругата на таткото на Божиќ секогаш беше важна. Таа ги знае златните книги за сите деца“, рече Јана Џудиш, портпаролка на студентската асоцијација во Берлин, додека 100 курсисти се собраа да ги покажат своите празнични вештини.

Според неа, ова значи дека Баба Мраз повремено ќе го ослободи нејзиниот маж од неговите обврски и ќе лета на волшебната санка за таа лично да им ги однесе подароците на момчињата и девојчињата.

Здружение за обука на учесниците во дистрибуција на подароци меѓу семејствата во Берлин постои од 1949 година. Квалификуван Дедо Мраз има бела брада и црвени панталони. Годинава, женските регрути ќе ја прескокнат брадата и ќе носат само црвена облека.

Екипата од Баба Мразици годинава ќе дели подароци вечерта на 24 декември, кога традиционално се делат подароците во Германија. Претходните години жените можеа да учествуваат, но мораа да тренираат како божиќни ангели, облечени во бел фустан со крилја и ореол.

Триесетина од свечените настани во декември ќе бидат преземени од Баба Мраз. Но, сѐ уште има долг пат, бидејќи само десетина жени ги посетуваат обуките, во споредба со повеќе од 100 мажи.