ПРЕМИЕРА НА ТАНГО-БАЛЕТ СО МУЗИКА НА ПЈАЦОЛА ВО МОБ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Неокласичниот балет „Либертанго“, во кореографија на Сабрина Боско од Италија, премиерно ќе се изведе в четврток од 20 часот во Македонската опера и балет.

Либретото и режијата се на Наташа Поплавска, а асистенти кореографи се Горан Божинов и Олга Панго.

Игра голема екипа првенци, солисти и ансамблот на Балетот, како примабалерината Александра Мијалкова, Васил Чичијашвили, Мими Поп Алексова-Атанасовска, Игор Веланоски, Наташа Јосифовска и Марија Јосифовска-Ристовска. Сценографијата и костимите се на Александар Ношпал.

Уметничката директорка на Балетот, Олга Панго, вели дека станува збор за неокласична постава на танго-балет и на сцената ќе има околу 30 танчари, кои ќе играат на шпиц-патики.

Кореографката Боско вели дека „Либертанго“ е претстава за животот на најпознатиот композитор за танго, Астор Пјацола, кој го презентирал овој танцот не е само како форма за пополнување слободно време, туку и како начин на изразување на сопствените и чувствата на партнерот.

„Тангото е среќа, голема љубов, внатрешни чувства и во оваа музика можам да ги вклопам моите најинтимни емоции. Имаме одлична соработка со балетската екипа, бидејќи сите заедно дојдовме до ставот и заклучокот дека во тангото не се важни само чекорите, туку она што се чувствува во душата“, рече Боско.

Според режисерката Поплавска, Пјацола отвора нов правец во тангото, наречен ново танго (Танго Нуево).

„Музиката на Пјацола ги спојува џезот, класиката и музиката на Италија, Шпанија и Аргентина. Живеејќи меѓу улицата, клубот, музиката и танцот, меѓу класиката, џезот, универзитетот и талентот, меѓу Буенос Аирес и Париз, тој создава една од најубавите танго-композиции на 20. век, ‘Либертанго’, со која завршува претставата“, вели Поплавска.

Билетите се по цена од 400, 500 и 600 денари. Репризата е в сабота.

Б. НЕСТОРОСКА