Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг му го подари на премиерот Зоран Заев пенкалото со кое беше потпишана поканата за членство во Алијансата, што вчера му беше врачана во Брисел.
Ова се случи ден откако сите 29 земји-членки се согласија Македонија да ги почне пристапните преговори.
Заев го бакна пенкалото, потсетувајќи дека тоа е симбол на начинот на неговата работа.
„Ви реков дека ќе падне режим, режимот падна. Ви реков дека ќе станеме 30-та членка на НАТО, станавме. Пенкалото нè движи цело време. Урнавме режим со пенкало, еве денеска го употребивме и за покана за членство во НАТО, а добивме и кандидатски статус за членство во Европската Унија“, кажа Заев.
За да стане членка на НАТО, Македонија ќе мора да го промени уставното име и Заев изрази убедување дека мнозинството граѓани на референдумот ќе го поддржат договорот со Грција.
„НАТО одлучи да бидеме 30. членка и тоа е историска одлука за земјата и за граѓаните. Бидете уверени дека членството во НАТО ќе ја консолидира демократијата во регионот и ќе служи како позитивен пример во Западниот Балкан“, рече Заев.