НАСА е подготвена да лансира една од најамбициозните мисии во својата историја и да испрати сателит во надворешната атмосфера на Сонцето, наречена корона.
Именувана според физичарот Јуџин Паркер, кој прв го предвиде постоењето на соларните ветрови, седуммесечната мисија Паркер солар проуб (ПСП) ќе стартува в сабота и НАСА со неа ќе се обиде да стигне најблиску до сонцето досега и да разреши некои стари мистерии за неговото однесување.
ПСП е единствената мисија на НАСА која ги истражува сончевата корона и соларните ветрови. Таа е „дете“ на Паркер, кој пред многу години ги предвидел турбуленциите на сончевата енергија и нивното влијание врз Земјата.
„Очекувам да пронајдеме некои изненадувања“, кажа Паркер на прес-конференцијата минатата недела.
Сателитот е најбрзиот објект направен од човекот. Ќе се движи со брзина до 688.000 километри на час и ќе може да издржи температури од милиони Целзиусови степени. Тој ќе орбитира на само 6,4 милиони километри од површината на Сонцето, откако претходно ќе помине пат од 14,4 милиони километри и ќе ги даде првите податоци за неговата енергија.
„Температурите во близина на короната можат да бидат пречка. Тие тука изнесуваат милиони степени. За да се заштити, леталото има термички заштитен систем или топлотен штит, што ќе му прави ‘сенка‘ додека ги собира научните податоци. Оваа мисија ќе отклучи некои мистерии на короната, како, на пример, зошто е многу потопла од површината на Сонцето“, вели Џефри Браун од Лабораторијата по физика на универзитетот „Џон Хопкинс“.