„ФЕРАРИ“ ИМА ПРОФИТ ОД 69.000 ЕВРА ОД СЕКОЕ ПРОДАДЕНО ВОЗИЛО, НАЈМНОГУ ВО АВТОИНДУСТРИЈАТА

Дуизбург, (Мотор1)

„Ферари“ е најпрофитабилниот бренд во автоиндустријата, додека на дното на оваа листа се „Бентли“ и „Тесла“.

Ова е заклучокот на истражувањето што го спроведе универзитетот во Дуизбург, на чело со угледниот професор по економија Фердинанд Дуденхофер.

Изминативе години, речиси сите автокомпании се обидуваат да го оптимизираат своето производство, за да ги зголемат профитабилноста и ресурсите за идни вложувања. Така „Нисан“ го намали производството во Северна Америка за 20%, а „Форд“ планира големи промени за пазарите во Европа и Јужна Америка.

Сепак, како што покажа студијата, големи производствени бројки и висока профитабилност често не одат едно со друго.

Според студијата, „Ферари“ остварува профит од 69.000 евра за секој продаден автомобил, а на другиот крај е „Јагуар Ленд ровер“ со само 800 евра по возило.

„Порше“ е речиси двојно попрофитабилен од германските ривали „Мерцедес-Бенц“, „Ауди“ и „БМВ“, со добивка од 17.000 евра по автомобил, наспроти 9.000 евра на големата тројка. Секое продадено „масерати“ ѝ носи плус на компанијата од 5.000 евра, слично како „Волво“.

„Бентли“ моментално губи 17.000 евра на секој продаден примерок, но, како што велат од компанијата, тоа се должи на големото инвестирање во технологијата на електрични возила. Слично е и со „Тесла“, која има загуба од 11.000 евра по автомобил.

Во истражувањето не биле вклучени „Ламборгини“ и „Ролс-ројс“, чии финансиски податоци не се достапни за јавност.