Македонската филхармонија заедно со светски познатиот африкански музичар Феми Кути и неговиот бенд „Позитив форс“ ќе настапат во Белград во 13 септември на Калемегдан.
Концертот во Белград следи по оној во Градски парк на 7 јуни, кој беше насловен „Филхармонија на отворено“.
Ќе настапат повеќе од 70 музичари, а ќе диригира Џијан Емин, кој направи и специјални аранжмани на композициите.
Српските медиуми пренесуваат дека фантастичната атмосфера која Феми Кути ја создава на своите концерти е добро позната за нивната публика, бидејќи има настапено пред неколку години на Петроварадинската тврдина во Нови Сад и лани на БЕЛЕФ.
„Она што особено ќе ги израдува фановите е дека на претстојниот концерт ќе бидат изведени најголемите хитови на Кути од десетте досега објавени албуми, од кои четири беа номинирани за Греми“, пишуваат медиумите.
„Ова е првпат во мојата кариера да соработувам со симфониски оркестар. Отсекогаш сонував за тоа и ова е врв на мојата кариера. Подготовките за овој огромен проект ги почнавме пред две години. Музиката е универзален јазик и соработката со Џијан одеше навистина лесно“, вели Кути.
„Феми Кути првпат го слушнав на Скопскиот џез фестивал пред 14 години, тоа беше нешто навистина неверојатно. Неизмерно сум среќен што после две години дојде до реализација на овој проект, најголем досега во мојата кариера“, рече Емин.
Б. НЕСТОРОСКА