Словенечката претстава „Илијада“ од Хомер, во режија на Јернеј Лоренци, вечерва во Антички театар ќе го затвори 58. издание на фестивалот Охридско лето.
Претставата е копродукција на Словенско народно гледалишче-Драма Љубљана, Цанкарјев дом и на Градски театар од Љубљана, а ќе се игра од 21 часот.
Според словенечката театарска критичарка Ника Архар, претставата е иновативна и величествена.
„Колку што е класична, толку е и инспирирана од европската театарска авангарда, со суптилни совети на модерната историја на Балканот. Изведбата почнува како концертна верзија на една опера и актерите во формална облека седат на столови, раскажувајќи ја крвавата историја за ‘Илијада’ на микрофони. Микрофоните не се само за да се збогати звукот на зборовите, туку целата изведба е изградена од музика и од поетскиот ритам хексаметар, слично како отчукувањата на срцето и одекот на коњскиот кас. Раскажаниот вовед полека прераснува во едно целосно театарско доживување“, стои во нејзината рецензија.
Охридско лето траеше 40 дена, а годинава учествуваа над 800 уметници од 27 земји.
Д. ЧУБРИЌ