Во Ликовниот салон во Велес, синоќа се отвори изложбата „Фемиграции – уметност за правата на жените бегалци“. Со 21 дело во различни техники, се претставуваат исто толку авторки од Македонија.
Посветени и изработени за бегалките од кризните региони, македонските авторки преку уметност го пренесуваат патешествието низ непознатото на жените од неколку држави од Африка и Азија.
„Делата многу речовито, сугестивно, преку уметничкиот израз нѐ потсетуваат на затвореноста, на ограничениот простор во кој мигрантот се наоѓал во својата татковина, а неретко и на дестинациите низ кои минуваат или кадешто пристигнуваат. Мигрантите секаде наидуваат на ограниченост во движењето, што доста илустративно го пренесуваат авторките во своите дела, кои се затворени во кутии“, рече на отворањето Елица Николова, историчар на уметноста од Народниот музеј Велес.
Делата се создадени во колонија во Дојран, куратор е Ана Франговска, а проект-координатор е Нита Чаволи, преку проектот на УСАИД за заштита на правата на бегалците и мигрантите.
„Патешествието на бегалките го доживуваме низ делата, низ очите на жената уметник. Ова е убав начин на градење на јавната свест. Уметниците преку разни изрази и техники, убаво и илустративно, го раскажаа животниот пат на миграните“, рече Чаволи.
П. ПЕЧКОВ