КАМЕРНИОТ ОРКЕСТАР НА ФИЛХАРМОНИЈАТА ЗА ПРВПАТ СО КОНЦЕРТИ ВО КАЗАХСТАН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Камерниот оркестар на Македонската филхармонија ќе гостува во Казахстан, каде што ќе одржи два концерти во Алмати (5 септември) и Астана (7 септември). На концертите ќе диригира Борјан Цанев, а како солист ќе настапи концерт-мајсторот на Филхармонијата, Анна Кондратенко.

Музичарите ќе ги изведат „Дивертименто“ од Моцарт, свитата „Холберг“ од Григ, избор од двете дела „Четири годишни времиња“ од Вивалди и Пјацола, како и македонското дело „Капричо“ од Драган Шуплевски.

„Ми претставува чест и задоволство што со напорната работа во едногодишниот период и со нашето внимание кон презентација на Македонската филхармонија надвор од границите на нашата држава ќе се претставиме во Казахстан за првпат“, вели директорот на Филхармонијата, Виктор Илиески.