„Ѕидови за вас прекрасни луѓе“ е насловена изложбата на фотографии на Роберт Јанкулоски, која ќе се отвори вечерва во 20 часот во мобилната /монтажна галерија во Паркот на Франкофонијата во Скопје.
Насловот на проектот е цитат од еден графит што беше напишан на фасадата на Архитектонскиот факултет во Скопје кон крајот на деведесеттите години на минатиот век.
Црно-белите фотографии од деведесеттите години се отпечатени на метални плочи, а неколку фотографии снимени минатата година се отпечатени во боја на хартија.
„Тој период беше актуелна ‘ѕидната / уличната’ комуникација особено кај младите коишто на тој начин ги коментираа актуелните настани.
Во мојата архива се наоѓаат повеќе од 1.100 негативи коишто досега не се изложени. Графитите активно ги снимав во период од пет години (1995-2000) на црно-бел филм со панорамски фотоапарат. Фотографиите се снимени во документарен стил и во манир на т.н. улична фотографија. Самите текстови се само дел од фотографијата иако на некои од нив доминира текстот кој е искористен како дел од фотогрфската композиција. Градот Скопје го користам како инспирација или како подлога во повеќе мои проекти како што се ‘Си ју Си ми, 1998-2001’ и последниот мој проект ‘Инстант семејства – мултипликација на љубовта, 2017’“, вели Јанкулоски.
Јанкулоски додава дека централното градско јадро драстично ја промени својата структура во последните десетина години така што некои згради наликуваат како да се компјутерски вметнати во фотографската композиција.
Црно-белите фотографии од деведесеттите години се отпечатени на метални плочи, а неколку фотографии снимени минатата година се отпечатени во боја на хартија.