На модната недела во Њујорк, со модни икони како Келвин Клајн и Том Форд, фондацијата „Писта на соништата“ одржа презентација посветена на креации специјално создадени за луѓето со посебни потреби.

Настанот насловен „Модна револуција“ се одржа на првиот ден од модната недела, на кој 30 модели со попреченост излегоа на пистата, во модели на модните куќи „Томи Хилфигер“, „Најки“ и „Таргет“.

Дизајнерката и основач на Фондацијата Минди Шниер рече дека идејата ја добила од нејзиниот син Оливер, кој живее со ретка форма на мускулна дистрофија.

„Тој ни кажа дека сака да носи исто што и сите други. Тоа ми ги отвори очите за потребите не само на мојот син, туку на 60 милиони луѓе со попреченост низ САД и целиот свет“, рече Шниер.

„Оваа ревија е уникатна можност не само за следбениците на модата, туку и за нас другите. Не чувствувам дека треба да ги покријам моите протези на нозете“, рече еден од моделите Хана Гавиос (25), која паднала од карпа во 2016 година и го повредила ‘рбетот.

Шниер изјави дека имаат и програма со стипендии за модни дизајнери кои работат со прилагодлива облека.

„Веруваме дека секој заслужува да го носи она што го сака. Време е модната индустрија да сфати дека луѓето имаат различни облици, големини и способности“.