ДОКУМЕНТАРЕЦОТ „ХОТЕЛ ЈУГОСЛАВИЈА“ ВЕЧЕРВА ВО СКОПЈЕ, СТРУГА И НЕГОТИНО

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Вечерва во Кинотеката на Македонија (20 часот), Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ Струга (19 часот) и Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ во Неготино (19,30 часот) ќе се прикаже документарниот филм „Хотел Југославија“ во режија на Никола Вањиер од Швајцарија.

„Изграден во Белград во 1969 година, хотел ‘Југославија’ беше митско место. Тој беше најголемиот хотел на Балканот, и симбол и сведок на разни моменти што ја обликуваа поранешна Југославија: од Тито до Милошевиќ; од социјализам во национализам; од бомбашките напади на НАТО до корумпиран економски либерализам. Југославија повеќе не постои, но хотелот сé уште го прогонува белградскиот пејзаж, како одраз на српското општество во потрага по нови пресвртници. Со разгледување на различните простори и епохи на зградата, со собирање на сеќавањата на оние кои живееле во него, режисерот – со југословенско потекло преку неговата мајка, но роден и израснат во Швајцарија – создава единствен простор-време во кое на површина испливува колективното несвесно како и дел од неговиот идентитет“, велат од дистрибутерската куќа за Македонија, „Катавеј“.

За швајцарскиот режисер документарниот филм е еден вид потрага за „изгубеното кралство“. Филмот беше прикажан во програмата „Панорама“ на Берлинскиот филмски фестивал, а беше и во главната натпреварувачка програма на Документарниот филмски фестивал во Солун.

Филмот продолжува со прикажување на 26 септември во Гостивар, а потоа и во другите градови низ Македонија.