Бродскиот сообраќај на реката Сена за момент беше запрен денеска, за да отстапи место на пловечка модна писта, по која прошетаа холивудски ѕвезди и модели на екстравагантната ревија на козметичкиот гигант „Л‘Ореал“, што се одржа во рамките на Париската модна недела.
Актерките Ева Лонгорија и Ел Фенинг беа меѓу познатите лица кои дефилираа на 60-метарската писта поставена на реката, додека голем број луѓе го проследија несекојдневното шоу од околните мостови.
Речниот сообраќај пред музејот „Ке д‘Орсе“ беше запрен на половина час.
„Сакавме да создадеме нешто ново, што ќе биде достапно за што е можно поширока публика и во исто време ќе го истакне ДНК-то на Париз“, изјави претседателот на „Л‘Ореал Париз“, Пјер-Емануел Ангелоглу.