Култниот македонски индустријал бенд „Киборг“ го најави својот долгоочекуван самостоен концерт, што ќе се одржи во Младински културен центар во Скопје на 6 декември, во рамките на 20. издание на фестивалот Таксират.
Минатиот декември, Таксират успеа да ги врати на сцена по долги години, а тие ги воодушевија фановите со свежината на својот настап. По ланскиот голем успех, „Киборг“ останаа активни и претстојниот концерт треба да биде круна на нивната досегашна 23-годишна кариера.
Покрај оригиналните членови Дарко Јаневски и Влад Каевски, групата доби уште помоќен звук со приклучувањето на двоецот од „Санаториум“, Перо Стефановски (гитара) и Горан Атанасов (тапани).
Картите се веќе пуштени во претпродажба и чинат 200 денари, а на денот на концертот ќе поскапат на 300.
Г. КОНЕВ