Легендарниот американски композитор и вибрафонист Рој Ајерс ќе ја увеличи прославата на 20. роденден на скопското радио „Џез ФМ“, одржувајќи концерт во Македонската филхармонија, што ќе се случи вечерва, со почеток во 20 часот. Специјални гости на концертот ќе бидат Џијан Емин и Оливер Јосифовски од „Љубојна“.
Со кариера долга повеќе од половина век, 78-годишниот Ајерс се смета за пионер на џез фанкот и за клучна фигура во есид џез движењето, кое во еден звук спои џез, фанк и хип хоп. Тој ужива култен статус и на хип хоп сцената, имајќи предвид дека неговите песни се семплувани повеќе од кој било друг музичар.
Во периодот од 1963 до 2000 година, Ајерс има издадено повеќе од 30 албуми и ова ќе му биде прв настап во Македонија.