Со балетот „Лебедово езеро“ од Чајковски, во кореографија на Виктор Јаременко од Украина, вечерва во 20 часот во Македонската опера и балет (МОБ) ќе се отворат 19. Есенски музички свечености, во организација на Дирекцијата за култура и уметност Скопје.
Ќе диригира Бисера Чадловска, а во главните улоги се првенците солисти Марија Кичевска-Шокаровска, Бобан Ковачевски и Игор Веланоски.
На Есенските музички свечености, до 27 ноември ќе има уште осум настани, меѓу кои: оперската претстава „Марија Калас – час“ , концертот на триото „Интерарт“ , концерт по повод 100 години од раѓањето на Никола Бадев, концертната промоција на цедето „Звуците на трските – опера трио“ на Татјана Петрушевска-Караскаковска, Игор Бакревски и Марјан Милошевски, и концертот на Горан Начевски, Страшо Темков и Елена Атанасовска-Ивановскa.
Ќе гостуваат и странски уметници, како пијанистот Јожеф Балог од Унгарија, виолинистката Агата Кмак и пијанистот Марсин Гузик од Полска и камерниот оркестар „Аморосо“ од Србија.