„ТЕАТАР ВО КУФЕР“ – ПОЧНУВА ПРВОТО ИЗДАНИЕ НА ТЕАТАРСКИОТ ФЕСТИВАЛ ВО ШТИП

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Првото издание на меѓународниот театарски фестивал „Театар во куфер“ ќе почне вечерва во Штип и до 20 ноември ќе бидат прикажани шест проекти, продукции на театарски куќи и режисери од Македонија и Босна и Херцеговина.

Гостите од Тузла, од театарот „Драфт“, ќе го отворат фестивалот во Домот на младите во Штип со претставата „Европејци“, во режија на Драган Стајиќ. Фестивалот ги содржи и претставите „Дисфункција“ од Ана Жежовска во изведба на Интимен театар од Битола, „Убавите жени“ – проект на актерот Страшо Милошевски од Пробиштип, „Петтиот чин“ на режисерот Нико Горшиќ во изведба на актери од Центарот за култура „Антон Панов“ од Струмица, „Женска утопија“ во изведба на Димитрина Мицковска и „Чекачот“ од штипскиот режисер Трајче Кацаров, кој е иницијатор на фестивалот и негов уметнички директор.

Организатор на фестивалот е Домот на младите во Штип, а дел од проектот ќе се одржи и во новиот Мултимедијален центар (Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Театарот и куферот имаат природна врска, зашто имаат препознатлив клуч. Од една страна, куферот антиципира патување, а театарот никогаш не отишол подалеку од двоколката на Теспис како автономен сценски израз, и затоа што е уметничка сложенка и затоа што го поттикнува гледачот. Идејата за еден ваков фестивал доаѓа од фактот што ниту еден театарски фестивал во Македонија не ги задржа своите првобитни замисли. Тоа е случај и со театарот во Прилеп, кој беше замислен како фестивал на домашната драма. Слично е и со Фестивалот на античката драма во Велес и со ‘Ристо Шишков’ во Струмица“, вели Кацаров.

Во рамките на фестивалот е предвиден и симпозиум на тема „Патувачки театар“, на кој ќе учествуваат научните работници Кристина Костова, Гоце Ристовски, Мишел Павловски, Христо Петревски и Трајче Кацаров.

Т. ЈОВАНОВСКИ