СООБРАЌАЈНИ ЗНАЦИ ВО ЕДИНБУРГ ПРЕТВОРЕНИ ВО МАЛИ УМЕТНИЧКИ ДЕЛА, ВЛАСТИТЕ НЕ ГИ ЗАБЕЛЕЖАЛЕ 18 МЕСЕЦИ

Единбург, (Би-Би-Си)

Уличен уметник остави свој печат на сообраќајни знаци во центарот на Единбург, додавајќи им цвеќиња, животни или чаша вино.

Како автор на симпатичните дела се пријави францускиот уметник Кле Абрахам, кој на Твитер напиша дека ги има меѓу 15 и 20 низ целиот град. Тој вели дека го посетил градот во март 2017 година и се чуди како никој не ги забележал неговите дела толку долго време.

„На луѓето обично им требаат три-четири месеци да ги забележат. Никогаш не прекривам повеќе од десет проценти од знакот, за да не го нарушам неговото значење“, изјави 52-годишниот уметник.

Ликовни критичари изразија надеж дека градските власти нема да ги уништат неговите мали уметнички дела. Оттаму сепак кажаа дека тие не се легални и ќе мора да ги отстранат.

„Уметникот многу умно ги прави своите дела, бидејќи знаците остануваат целосно функционални. Тој ги измени и беше разигран, но знаците се сѐ уште видливи и возачите можат да ги читаат“, изјави Сорча Кери, директор на Уметничкиот фестивал на Единбург.

Абрахам, кој живее во Фиренца и чии дела се продаваат за илјадници евра, има работено и на улиците на Париз, Рим, Лондон и Барселона.

„Постои голем интерес за ваков тип уметност откако Банкси се прослави. Таа ни овозможува да забележуваме работи кои биле тука цело време, а не сме им обрнувале внимание. Ова е убав начин градските пејсажи да се одржуваат во живот“, кажа критичарот Џен Пејшнс.